ЏЕФ БРИЏИС ЌЕ БИДЕ НАГРАДЕН СО ПОЧЕСЕН ЗЛАТЕН ГЛОБУС

Лос Анџелес, (Си-Ен-Ен)

Џеф Бриџис ќе биде награден за животно дело на претстојното 76. доделување на Златни глобуси, објави Асоцијацијата на странски новинари во Холивуд.

„Брилијантната глума на Бриџис во најразлични жанрови ги освојува срцата на публиката низ целиот свет во изминатите шест децении. Ќе ги славиме Дјуд и неговите исклучителна кариера и добротворна работа на претстојните Златни глобуси“, соопшти Асоцијацијата, алудирајќи на неговата легендарна улога во „Големиот Лебовски“.

Бриџис досега пет пати беше номиниран за Златен глобус, а го освои само во 2010 година, за „Лудо срце“, што потоа му донесе и Оскар.

Меѓу претходните добитници на наградата, што го носи името на Сесил Би деМил, се Роберт де Ниро, Харисон Форд, Одри Хепберн, Мерил Стрип, Дензел Вашингтон и Стивен Спилберг.

Доделувањето на Златните глобуси ќе се одржи на 6 јануари.