ЏЕЈМС БОНД ЌЕ ОСТАНЕ МАШКО, ВЕЛИ ПРОДУЦЕНТКАТА БРОКОЛИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Продуцентката на серијалот Џејмс Бонд, Барбара Броколи, ја отфрли можноста тајниот агент 007 да го игра женско по повлекувањето на Даниел Крег.

„Нема време за умирање“, кој ќе има премиера во април, ќе биде последен филм за Крег како Џејмс Бонд и негов наследник засега не е пронајден.

„Џејмс Бонд може да биде со која било боја на кожа, но тој е машко“, изјави Броколи и додаде:

„Мислам дека треба да создадеме нови женски ликови, силни женски ликови. Не сум заинтересирана машки лик да го игра жена“.

Во трејлерот за новиот филм, британската актерка Лашана Линч се појавува како 00 агент откако Бонд ја напушта службата. Тоа ги поттикна шпекулациите дека Линч би можела да го наследи Крег во легендарната улога.