ДОКУМЕНТАРЕЦОТ НА ТАМАРА КОТЕВСКА „ПАТУВАЊЕ ПЕШ“ ЌЕ ИГРА НА ПЕТ ФЕСТИВАЛИ, ВО МАКЕДОНСКИТЕ КИНА ОД НОЕМВРИ

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

Новиот филм на режисерката Тамара Котевска „Патување пеш“ (The Walk) во наредниот период ќе игра на фестивали во Токио, Лос Анџелес, Лондон, Париз и Фолкстон, а се најавуваат и јапонска и домашна дистрибуција на филмот.
На 17 октомври ќе го отвори Фестивалот на документарен филм во Фолкстон, Англија, каде што е во официјална селекција. Од оваа локација почнува патувањето на малата Сиријка Амал во Англија.

На 21 октомври ќе биде прикажан во официјалната селекција на Гранд Биво во Париз, а во ноември ќе го отвори  Меѓународниот фестивал за бегалци во Токио, со што ќе се најави и почетокот на јапонската дистрибуција на филмот.

„Да се отвори интернационален фестивал во Токио со мојот филм е еден од најубавите комплименти што сум ги добила токму поради тоа што уникатниот креативен израз и идентитет на филмот одекнува толку далеку и допира една толку различна култура од европската“, изјави Котевска.

По Токио, филмот ќе биде истовремено прикажан во Лондон и Лос Анџелес. На 16 ноември ќе биде дел од 12. издание на Фестивалот за европски психоаналитички филм во Лондон, а во Лос Анџелес ќе биде прикажан во рамките на Фестивалот за нови филмски уметници.

Во македонските кина ќе игра од ноември.

Македонската премиера беше на 22 август на затворањето на МакеДокс. Светската премиера беше на 9 ноември 2023 на Њујоршкиот фестивал на документарни филмови (Doc NYC). Претходниот филм на Котевска, „Медена земја“, што го режираше со Љубомир Стефанов, доби историски две номинации за Оскар, за најдобар документарец и за најдобар странски филм.