ДОКУМЕНТАРНИОТ ФИЛМ „ГРАДИНА“ НА БОЈАН ТАНТУРОВСКИ СО ПРЕМИЕРА НА ФЕСТИВАЛОТ БЕЛДОКС ВО БЕЛГРАД

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Документарниот игран филм „Градина“ (Garden) на режисерот Бојан Тантуровски ќе има светска премиера на 23 мај во Белград, Србија, нa Фестивалoт за документарни филмови Белдокс.

Филмот се снимаше во последниве 5 години на периферијата на Скопје и ја следи приказната на група пензионери, урбани герила градинари, кои се принудени да ги напуштат градините, на кои повеќе од 35 години одгледуваат разни земјоделски производи и им служи како еден вид место за социјализација.

„Ова е емотивен филм за длабочината на она што ни претстои и значењето што можеме да го извлечеме од нашата врска со земјата и едни со други додека старееме“, велат од Белдокс.

Во филмот играат: Аранѓел Петков, Стана Петкова, Нада Миленковска, Ахмо Ѓозовиќ и Шемсудин Нумановиќ, а во реализацијата на филмот, покрај режисерот Тантуровски, учествуваа кинематограферот Кирил Шентевски, монтажерот Горан Вуќиќ, дизајнерот на звук Марко Наумовски.

Продуцент на филмот е Илија Тирицовски заедно со Пеце Талески од ОХО Продукција.

На Солунскиот филмски фестивал, филмот ја доби наградата за најдобар филм во развој во 2022.