Повеќе од 50 години откако Џули Ендрјус ги освои децата и возрасните низ целиот свет како строга, но љубезна дадилка, Емили Блант ја враќа Мери Попинс на големото платно во продолжението на „Дизни“.
Актерската екипа на „Враќањето на Мери Попинс“ се собра на црвениот тепих на синоќешната европска премиера во „Ројал Алберт хол“ во Лондон и велат дека магијата на овој филм е токму она што му треба на светот во овие несигурни времиња.
„На сите ни треба доза на Мери Попинс. Таа не доаѓа кога е сѐ во ред, туку кога има проблеми. Ова се страшни времиња за светот и му треба еден филм со ваква магија. Се надевам дека идните генерации ќе ги пеат песните од филмот. Тие се лесни и прекрасни“, вели Блант, која веќе почна да собира номинации за награди, вклучувајќи и за Златен глобус.
Дејството се случува 20 години по оригиналниот филм, во кој светот се запознава со трите деца на Мајкл Бенкс (Бен Вишо).
Блант вели дека во последно време не разговарала со Ендрјус, која доби Оскар за оваа улога во 1964 година, но слушнала дека го гледала филмот.
„Слушнав дека го гледала и ѝ се допаднал, што на сите нас многу ни значи“.
Во актерската екипа се и Емили Мортимер, Лин-Мануел Миранда, Мерил Стрип, Колин Фирт, Анџела Ленсбури и Дик ван Дајк.