СТЕНЛИ ТУЧИ И ЕМИЛИ БЛАНТ ДОБИЈА СВОИ ЅВЕЗДИ НА ПАТЕКАТА НА СЛАВНИТЕ

Лос Анџелес, (Си-Би-Ес)

Ѕвездите на филмот „Ѓаволот носи Прада“, Стенли Тучи и Емили Блант добија свои ѕвезди на Патеката на славните во Холивуд, еден ден пред светската премиера на вториот дел.

„Чест ми беше и навистина исцрпувачки да бидам дел од Холивуд 45 години. Но, не би го заменил тоа за ништо на светот“, рече Тучи, а Блант кажа: „Многу е тешко да се сумира колку ова ми значи и луѓето од голем калибар што дојдоа да зборуваат за мене навистина ме оставија без зборови“.

Двајцата актери ги добија своите ѕвезди во категоријата за филм. Неколку познати актери зборуваа во нивна чест, меѓу кои Роберт Дауни Џуниор, Двејн Џонсон, Мет Дејмон и Мерил Стрип.

Блант, Тучи и Стрип. (Фото: Гети)

 

Низ светските кина од 29 април игра продолжението на филмот од 2006, кој ја следи Миранда Пристли (Стрип) додека се справува со променливиот медиумски пејзаж, принудена да се соочи со својата поранешна асистентка Емили Чарлтон (Блант), која сега е моќна извршна директорка во луксузен бренд. Енди Сакс (Ен Хатавеј) исто така се враќа во екипата, сега како истакната уредничка, како и Тучи. Филмот е во режија на Дејвид Франкерл.

(Фото: Гети)