Откако влезе во историја со првиот филм за црномурест суперхерој „Блек Пантер“ и заработи една милијарда долари, Марвел деновиве го објавува филмот со кој сака да постигне родова еднаквост.

„Ентмен и Восп“, продолжението на „Ентмен“ од 2015 година, е 20. филм од „Марвел синематик јуниверз“ за една деценија и прв со жена суперхерој во насловот.

„Конечно дојде време да го видиме нејзиниот костим и да биде херојот како што претходно кажа дека сака да биде“, изјави Кевин Виџ од студиото „Марвел“, кое е во сопственост на „Дизни“.

Во филмот од 2015 година, Еванџелин Лили ја игра Хоуп ван Дајн, која сака да стане суперхероина, но сега се враќа посмирена и спремна да застане на исто рамниште со Ентмен (Пол Рид).

Лили за АФП изјави дека планирала да ја претстави приказната за Восп (Оса) во филмот од 2016 година „Капетан Америка: Граѓанска војна”, покрај Ентмен и останатите Одмаздници.

„Добив повик со зборовите: ‘Решивме да не те ставаме во граѓанска војна’. Си реков дали ќе ми дадат филм, дали тоа го мислат. И тие рекоа: ‘Ние навистина сакаме да посветиме филм на овој женски суперхерој и не сакаме таа да биде само придружен лик”.

По премиерата на 6 јули, се очекува „Ентмен и Восп“ во првиот викенд на прикажување во кината во САД да заработи околу 75 милиони, што ќе биде значително подобрување во однос на 57-те милиони што ги заработи првиот филм.