РОБОТИТЕ СЕ СÈ УШТЕ ЛОШИ ВО ИГРАЊЕТО ФУДБАЛ, НО ТОА МОЖЕ ДА СЕ ПРОМЕНИ НАСКОРО

Монтреал, (Гардијан)

Иако светот сѐ повеќе се роботизира, роботите сега-засега тешко можат да ги заменат луѓето во играњето фудбал.

На 22. меѓународно натпреварување и симпозиум „Робокап“, што се одржува во Монтреал, роботите се покажаа како ужасни фудбалери. Тие не можат да трчаат, да ја удираат топката со глава и понекогаш паѓаат како бебиња откако ќе шутнат.

Триесет и пет земји, 5.000 роботи и 4.000 луѓе учествуваат на годинашниот „Робокап“, што се совпадна со Светското фудбалско првенство во Русија, кадешто за првпат се применува и видео-технологија.

„Истата визија која му треба на еден робот за да ја додаде топката на својот механички тимски колега може да се искористи и за роботите во производствени погони. Како робот избегнува пречки на фудбалски терен? На ист начин на кој самовозечки автомобил ќе избегнува пречки на патот. Главно прашање е која технологија ќе произлезе од еден натпревар“, вели Оливер Мичел, претприемач кој се фокусираше на автономни технологии.

До средината на 21. век, „Робокап“ планира да создаде тим на целосно автономни играчи, кој би заиграл против актуелен светски шампион со вистински фудбалери.

Изминативе години, „Робокап“ го подели натпреварувањето на категории кои се поблиску до реалните животни ситуации, како домашни и работни роботи, па некои учесници не дојдоа во Монтреал за да играат фудбал, туку со попрактични роботи, наменети за спасувачки мисии, на пример.