Филмот „Меланија“ за првата дама на САД, Меланија Трамп ќе има светска премиера на 30 јануари. Филмот го документира нејзиниот живот во 20-те дена пред втората инаугурација на претседателот Доналд Трамп. Вечерва (24 јануари) во Белата куќа, ќе има затворена проекција и тоа ќе биде првпат претседателот, нејзиното семејство и блиските пријатели да го погледнат филмот во целост, изјави Марк Бекман, надворешен советник и агент на првата дама.
Филмот нуди редок поглед зад сцената во животот на првата дама, која за време на вториот мандат на својот сопруг има низок јавен профил. Трејлерот започнува на Денот на инаугурацијата во јануари 2025 година, прикажувајќи ја како носи темносина шапка. Во филмот е прикажана и нејзината улога како советник на претседателот, вклучувајќи момент во кој го охрабрува да го нагласи изразот „миротворец и обединувач“ во својот инаугуративен говор.
Бекман е продуцент на филмот, а договорот со студиото „МГМ“ на „Амазон“ чини 40 милиони долари. Ќе има и продолжениет во форма на документарна серија што треба да излезе во текот на годинава и ќе се фокусира на некои од приоритетите на Меланија Трамп, вклучувајќи ги и децата во згрижувачка грижа.
„Ова воопшто не е политички филм“, изјави Бекман, додавајќи дека првата дама ја водела креативната насока на проектот.
Филмот ги истакнува нејзините модни избори, дипломатските ангажмани и операциите поврзани со нејзината заштита од Тајната служба. Бекман изјави дека публиката ќе може да види и моменти кои ја доловуваат смислата за хумор на претседателот Трамп..
(Фото: Б. Прол)