ХЕНРИ КАВИЛ ИЗБРКАН ОД УЛОГАТА НА СУПЕРМЕН САМО ДВА МЕСЕЦА ПО ВРАЌАЊЕТО

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Новите шефови на „Ди-Си студиос“ објавија дека Хенри Кавил веќе нема да го глуми Супермен, само два месеца откако беше објавено неговото враќање.

„Имав состанок со Џејмс Ган и Питер Сафран и имам тажни вести. Нема да се вратам како Супермен. Откако студиото во октомври ми кажа да го објавам моето враќање, ова не е лесно да се каже, но таков е животот“, изјави британскиот актер, додавајќи дека никому не му се лути.

Ган и Сафран го презедоа „Ди-Си студиос“ во октомври, набргу откако Кавил изненадувачки се појави како Супермен во завршната шпица на „Црниот Адам“ со Двејн Џонсон. Тој потоа официјално потврди дека повторно ќе биде Супермен, кого го играше трипати од 2013 до 2017.

Кавил во октомври објави дека се повлекува од хит-серијата на „Нетфликс“, „Вештер“, по што се појавија шпекулации дека би можел да биде новиот Џејмс Бонд.

(Фото: Гети)