КАМБЕРБАЧ ИГРА ГЛАВНА УЛОГА ВО ТВ-ФИЛМ ЗА БРЕГЗИТ

Лондон, (Дејли мејл)

По Шерлок Холмс и доктор Стрејнџ на Марвел, Бенедикт Камбербач во својата најнова улога прикажува помалку позната личност, но еден од највлијателните активисти зад Брегзит.

Камбербач (41) го глуми Доминик Камингс, претседател на организацијата „Воут лив“, во драмата на „Канал 4“, за референдумот за напуштање на ЕУ.

Камбербач го глуми Доминик Камингс, претседател на организацијата „Воут лив“

Во двочасовниот филм се вклучени и актери кои ги играат политичарите Борис Џонсон, Најџел Фараж и Мајкл Гов.

Филмот со работен наслов „Брегзит“ се најавува како „политички трилер, кој ќе испита како се воделе спротивставените кампањи и се носеле одлуките зад сцената што доведоа до гласањето Британија да ја напушти ЕУ“.

Сценариото е работено според две книги, а драматург е Џејмс Греам, познат по политички текстови во лондонските театри.

„Се надевам дека ќе одиме зад сцената на кампањата. Ќе ги испитаме последиците од она што се случи во текот на овие осум недели, кои засекогаш ја променија земјата“, вели Греам.