ЌЕ СЕ СНИМА БИОГРАФСКИ ФИЛМ ЗА ФРОНТМЕНОТ НА „МОТОРХЕД“, ЛЕМИ КИЛМИСТЕР

Лондон, (Дедлајн)

Шест години по неговата смрт, легендарниот фронтмен на „Моторхед“, Леми Килмистер, ќе добие биографски филм. Едноставно насловен „Леми“, филмот ќе го режира Грег Оливер, автор на истоимениот документарец од 2010 година.

Филмот ќе ја следи животната приказна на Леми од детството во Стоук он Трент, преку неговите почетоци во музиката како роуди на Џими Хендрикс и член на рок групата „Хоквинд“, па до основањето на „Моторхед“, што го направи една од највлијателните рок/метал фигури на својата генерација.

Во зависност од ситуацијата со КОВИД-19, се очекува продукцијата да почне во почетокот на следната година и планирано е филмот да се прикаже во Кан.

Леми има огромно културолошко значење. Сѐ што сте слушнале за него веројатно е вистина. Внимателно го развивавме овој филм од 2013 година, со цел да биде верен на Леми и на останатите членови на ‘Моторхед‘“, вели Оливер.