КЕРИ ФИШЕР УШТЕ ЕДНАШ ЌЕ СЕ ПОЈАВИ ВО „ВОЈНА НА ЅВЕЗДИТЕ“

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Кери Фишер уште еднаш ќе се појави во „Војна на ѕвездите“, три години по нејзината ненадејна смрт.

Продукцијата на „Епизода 9“, со кој ќе се заокружат новата трилогија од легендарната франшиза и приказната за Лук Скајвокер, ја објави актерската постава и таа претставува мешавина од ветерани и од нови имиња.

Фишер, која почина кон крајот на 2016 година, ќе се појави како омилената принцеза Леја благодарение на неискористените снимки од „Војна на ѕвездите: Силата се буди“. Исто така, Били Ди Вилијамс ќе ја репризира улогата на Лендо Калрисијан на 81 година, а на екипата ѝ се придружи и Ричард И. Грант.

„Сите премногу ја сакаме Кери Фишер. Оваа сага не можеше да се заврши на задоволителен начин без неа. Пронајдовме начин да му оддадеме почит на наследството на Кери како принцезата Леја, така што ќе искористиме некои снимки направени за седмиот филм“, изјави режисерот Џеј Џеј Абрамс.

Марк Хамил ќе се врати како Лук Скајвокер, заедно со Ентони Даниелс како роботот Ц-3ПО, кој со тоа станува единствениот актер кој се појавил во сите филмови од франшизата, почнувајќи од 1977 година.

Од поновите имиња, повторно ќе ги видиме Дејзи Ридли, Џон Бојега, Лупита Нјонго и Домхнол Глисон.

Снимањето на новиот филм, кој засега нема име, ќе почне во Лондон в среда, а премиерата е закажана за декември 2019.