Големите кина во САД објавија дека ќе забранат маски, костими и играчки на проекциите на „Џокер“, новиот филм со Хоакин Феникс, откако се појавија стравувања дека би можело да има насилни инциденти поврзани со неговата премиера на 4 октомври.

„Никакви маски, бојосани лица или костими нема да дозволиме во нашите кина“, објавија од „Лендмарк“.

„Еј-Ем-Си“, најголемиот синџир киносали во САД со преку 400 локации, соопшти дека соработува со органите на редот, додавајќи дека „маскирање или криење лице на каков било начин ќе биде забрането, исто како и внесување играчки во вид на оружје“.

Семејствата на жртвите на масовното пукање во киното во Аурора, Колорадо, во 2012 година, кое се случи на полноќната проекција на „Подемот на Темниот витез“, го осудија насилството во филмот. „Џокер“ нема да се прикажува во ова кино.

„Иако нема јасни закани во областа на Лос Анџелес, нашиот оддел ќе го задржи високото ниво на подготвеност околу киносалите“, соопшти тамошната полиција.

„Џокер“ беше прогласен за најдобар филм во Венеција и му се предвидува голем успех во претстојната сезона на награди.