КРАТКИОТ ФИЛМ „ДАЛИ СИ МАЖ“ НА ЃОРЧЕ СТАВРЕСКИ УТРЕ ЌЕ ИМА ПРЕМИЕРА ВО СИНЕПЛЕКС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Краткометражниот игран филм „Дали си маж“ на Ѓорче Ставрески премиерно ќе се прикаже утре во Синеплекс од 20:30 часот.

Филмот, кој е продукција на „Минимал колектив“, е приказна за едно момче кое расте со самохрана мајка и кое обидувајќи се да одговори на предизвикот од својот сосед, ја добива својата прва лекција по животна иронија.

Улогите ги толкуваат Сашко Коцев, Душица Настова, Драгана Костадиновска, Александар Микиќ, Анастасија Ласовска, Лила Милиќ, Мими Таневска Србиновска и младиот Данило Ивановски во улогата на Марко.

Сценариото и режијата се на Ставрески, директор на фотографија е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценограф Симо Бранов, костимите се на Жаклина Крстевска, шминката на Жанета Димитриевска, а дизајнер на звук е Бојан Паликуќа. Продуцент на филмот е Ивана Шекуткоска.

„Дали си маж“, првиот проект на Ставрески по големиот успех на „Исцелител“, е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија и Филмскиот центар Србија.