Откако го играше Бетмен/Брус Вејн во трилогијата на Кристофер Нолан, Кристијан Бејл се сели во светот на Марвел.

Тој ќе игра сѐ уште неименуван негативец во „Тор: Љубов и грмотевица“, што го режира оскаровецот Таика Ваитити. Ова го откри актерката Теса Томпсон, која во овој серијал ја има улогата на Валкира.

„Кристијан Бејл ќе биде нашиот негативец, што ќе биде фантастично. Го прочитав сценариото, но не можам да откријам многу“, изјави Томпсон.

Во четвртиот дел, што ќе излезе во ноември следната година, Тор ќе биде претставен како женско, па на ланскиот фестивал Комик кон во Сан Диего чеканот Мјолнир ѝ беше предаден на Натали Портман. Таа во првите два дела ја играше Џејн Фостер.

„Новиот филм ќе биде уште полуд и уште поголема авантура од претходниот“, ветува Ваитити.