Легендарната серија „Сопранови“ доаѓа во кината.

Компанијата „Ворнер брос“ објави дека „Њу лајн“ ги откупил правата на сценариото за филмот, чија приказна му претходи на дејството на култната серија, која освои 21 награда Еми.

Сценариото е напишано од креаторите на серијата, Дејвид Чејс и Лоренс Конер, и работниот наслов е „Многуте светци на Њуварк“. Дејството е сместено во 60-ите години за време на расните нереди во Њуварк.

„Студиото е возбудено што Чејс се согласил да го обнови и прошири универзумот на Сопранови“, изјави претседателот на „Ворнер брос“, Тоби Емерик.

Чејс ќе биде извршен продуцент и косценарист на филмот, додека режисер сѐ уште не е избран.