ЛАНСКИОТ ПОБЕДНИК КЕЈСИ АФЛЕК НЕМА ДА СЕ ПОЈАВИ НА ОСКАРИТЕ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Ланскиот добитник на Оскарот за најдобра машка улога Кејси Афлек објави дека нема да учествува на годинашното доделување.

Како што е традиција, помладиот брат на Бен Афлек требаше да ја додели наградата за најдобра женска улога, но неговиот публицист изјави дека тој се повлекол од листата на презентери.

Во 2010 година, Афлек беше тужен од две колешки за сексуално вознемирување, случај за кој се дозна пред ланските оскари. Продуцентката Аманда Вајт и снимателката Магдалена Горка тогаш открија дека тој им се заканил дека нема да бидат платени за својата работа на филмот „Уште сум тука“, откако одбиле да имаат секс со него. Случајот бил разрешен со вонсудска нагодба.

„Ја почитуваме одлуката фокусот да се задржи на шоуто и на извонредната работа што ја имавме изминатата година“, кажа портпаролката на Оскарите.