Лијам Нисон вели дека неговата кариера како ѕвезда на акциони филмови се ближи кон крајот. Тој најави повлекување од овој жанр, што обележа речиси половина од неговата актерска кариера.
Неговата улога во филмот „Грабната“ (Taken) го трансформираше во современа акциона икона и иако е во свои 70-ти години, и натаму самиот ги изведува боречките сцени, со мала помош од долгогодишниот соработник, каскадерот Марк Ванселоу.
„Имам 72 години и тоа мора да запре во еден момент. Не сакам да ја лажам публиката и Марк да се бори во сцените место мене“, изјави Нисон.
Тој вели дека веројатно следната година ќе ја одигра својата последна акциона улога. Неговиот следен филм од овој жанр „Absolution“ ќе излезе наредниот месец, а во најава е снимањето на филмот „Хотел Техеран“.