ЧЕСТО ГИ ГЛЕДАМ ФИЛМОВИТЕ НА МАЈКА МИ ЗА ДА СЕ СЕЌАВАМ НА НЕА, ВЕЛИ СИНОТ НА ЛИЈАМ НИСОН И НАТАША РИЧАРДСОН

Лос Анџелес, (Пипл)

Актерот Михол Ричардсон вели дека го одржува сеќавањето на покојната мајка Наташа Ричардсон така што често гледа нејзини филмови.

Тој и татко му Лијам Нисон заедно глумат во новиот филм „Направено во Италија“ (Made in Italy), кој има паралели со нивната семејна трагедија, бидејќи мајката/сопруга на главните ликови Роберт и Џек загинала млада во сообраќајна несреќа. Ричардсон имаше само 13 години кога неговата мајка им подлегна на повредите здобиени во скијачка несреќа во Канада.

Ричардсон и Лијам Нисон во сцена од новиот филм „Направено во Италија“

„Тоа се случи толку ненадејно, толку неочекувано. Многу сум благодарен што ги имам нејзините филмови, на кои можам да се навратам и да ја гледам во нив. Среќен сум што можам да видам како работела“, изјави Ричардсон.

Тој вели дека омилен филм од мајка му е „Стапица за родители“ од 1998 година, зашто тој лик најмногу го потсетува на неа.

Лијам Нисон и Наташа Ричардсон се венчаа во 1994 и останаа заедно до нејзината трагична смрт во 2009, при што добија двајца синови. Михол пред две години го зеде презимето од мајка му.

„Тоа беше начин да им искажам почит на неа и на нејзината страна на семејството“.