„МАЈКА“ НА МИТЕВСКА И „ДИЏЕЈ АХМЕТ“ НА УНКОВСКИ ЌЕ ИГРААТ НА ЛОНДОНСКИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На Лондонскиот филмски фестивал во октомври ќе играат и „Мајка“, првиот филм на режисерката Теона Стругар Митевска на англиски јазик и „Диџеј Ахмет“, дебито на режисерот Георги Унковски.

Ќе играат во фестивалската програма Тематски насоки, во која филмовите се организирани според теми за да се поттикне откривањето нови автори и да се отвори фестивалот за нова публика. „Мајка“ е во темата Дебати и ќе има две проекции, на 14 и 16 октомври, а „Диџеј Ахмет“ е во темата Создавај и ќе игра на 9 и 11 октомври.

„Мајка“, кој на 27 август ја отвори натпреварувачката програма „Хоризонти“ на 82. издание на Венецискиот филмски фестивал, по сценарио на Митевска, Гоце Смилевски и Елма Татарагиќ, е инспириран од животот на Мајка Тереза, особено од нејзината внатрешна борба да ја оствари својата визија и хумана мисија. Мајка Тереза ја игра шведската актерка Номи Рапас, Никола Ристановски го игра отец Фредерик, а Силвија Хокс сестра Агнешка. „Мајка“ е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Индија, Босна и Херцеговина и Данска.

Светската премиера на „Диџеј Ахмет“ на Унковски беше на 24 јануари, на фестивалот Санденс во Парк Сити, САД, каде доби две награди, Наградата од публиката во програмата Светски филм и Специјалната награда на жирито за креативна визија. Оттогаш има добиено вкупно 10 награди. Во главните улоги се Ариф Јакуп, Дора Акан, Наим Агушев и Аксел Мехмед. Во останатите улоги се Селпин Керим, Елхаме Билал, Адем Карага, Метин Ибрахим.