МАКЕДОНСКАТА АКТЕРКА СИМОНА ЖИВКОВСКА ДОБИ УЛОГА ВО „БЛЕК ВИДОУ“ НА „МАРВЕЛ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Симона Живковска, македонско-британска актерка која живее во Лондон, потврди дека станала дел од филмскиот универзум на „Марвел“, добивајќи улога во блокбастерот „Блек Видоу“ со Скарлет Јохансон во насловната улога. Засега нема други детали за нејзиниот ангажман во филмот што ќе излезе во мај 2020 година.

„Сега е и официјално! Долго време ме мачеше што не можам да соопштам дека сум станала дел од универзумот на ‘Марвел‘ и дека сум земала учество во продукцијата на овој филм. Целиот овој процес е остварување на сон и многу сум благодарна и почестена“, напиша Живковска на Фејсбук.

„Блек Видоу“ ќе излезе во мај 2020

Живковска е родена на 24 јуни 1994 година во Скопје, но веќе долго време живее во Велика Британија, кадешто и ја почнала актерската кариера на 18-годишна возраст. Според специјализираната интернет страница ИМДб, Живковска досега се има појавено во десетина кратки филмови и ТВ-серии и моментално ја снима серијата „Ѓаволи“ со ѕвездата на „Вовед во анатомија“, Патрик Демпси.

„Блек Видоу“ е дел од четвртата фаза на Филмскиот универзум на Марвел. Во режија на Кејт Шортленд, ова е прв самостоен филм за Наташа Романоф/Блек Видоу, која се појави во осум филмови на „Марвел“ од 2010 до 2019 година. Во останати улоги се оскаровката Рејчел Вајс, Дејвид Харбур, Флоренс Пју и Реј Винстоун.