„МЕДЕНА ЗЕМЈА“ И НОВИОТ ФИЛМ НА ТАРАНТИНО ВО ИСТ ВИКЕНД ИМАА ПРЕМИЕРА ВО САД

Лос Анџелес, (СМАРТ СДК.МК)

Победникот на фестивалот Санденс „Медена земја“ заработи 30.000 долари во првиот викенд од прикажувањето во САД, покажуваат официјалните податоци. Македонскиот документарец притоа е на репертоарот на две киносали во Лос Анџелес и Њујорк.

„Медена земја“ имаше премиера во САД паралелно со новиот филм на Квентин Тарантино, „Беше еднаш во… Холивуд“, кој со заработени 40 милиони долари, сепак, не успеа да го симне од врвот „Кралот лав“.

„Медена земја“, кој по триумфот на Санденс собира одлични критики од влијателни медиуми и беше прикажан и награден на повеќе од 20 филмски фестивали, го очекуваат кинодистрибуции во Канада, Англија, Германија, Австрија, Полска, Белгија, скандинавските земји, Шпанија, Турција, Кина, Јужна Кореја, па сѐ до Австралија. Во Скопје премиерно ќе се прикаже на крајот на август на фестивалот МакеДокс, по што ќе биде на редовниот репертоар во кината.

Документарецот во мај победи на фестивалот ДокАвив во Тел Авив и се квалификуваше во трката за Оскар.