Мел Гибсон и Дени Гловер се согласиле да го прават петтиот дел на „Смртоносно оружје“, изјави продуцентот Ден Лин, кој стоеше зад телевизиската адаптација на популарниот акциски серијал.

Освен главните ѕвезди, новото продолжение би требало да го вклучи и Ричард Донер, режисерот на досегашните четири филмови, од кои последниот излезе во 1998 година.

„Ќе се обидеме да го направиме последниот филм ‘Смртоносно оружје‘. Мел и Дени се подготвени за тоа, а се враќа и Ричард Донер. Тоа е целата оригинална постава и тоа е неверојатно. Останува да се напише сценариото. Јас сум голем фан на серијалот и сакам да помогнам да се случи“, изјави Лин.

„Смртоносно оружје“ излезе во 1987 година и ги следеше авантурите на полицајците Мартин Ригс (Гибсон) и Роџер Муртау (Гловер). Тие не беа вклучени во истоимената серија што се емитуваше од 2016 до 2019.