МЈУЗИКЛОТ „БАКНЕЖОТ НА ЖЕНАТА-ПАЈАК“ Е ПРЕСВРТ ЗА МЕНЕ, РЕЧЕ ЏЕНИФЕР ЛОПЕЗ ПО РАЗВОДОТ ОД БЕН АФЛЕК

САД, (Пипл)

Мјузиклот „Бакнежот на жената-пајак“ (Kiss of the Spider Woman), во кој игра Џенифер Лопез, ќе игра во кината од 10 октомври. За филмот, кој е делумно продуциран од нејзиниот поранешен сопруг Бен Афлек, Лопез рече дека е личен пресврт за неа и го нарекува „омилено филмско искуство“.

Откако заврши нејзината турнеја, која беше распродадена, Лопез се подготвува за промоцијата на мјузиклот на Бил Кондон, за кој се потрошени 30 милиони долари. Во јануари, таа присуствуваше на светската премиера на „Бакнежот на жената-пајак“ на филмскиот фестивал Санденс.

„Ова е филмот што го сними минатата година во Њујорк кога со Бен минуваа низ тежок период. Таа помина долг пат оттогаш. Сега е многу среќна и едноставно благодарна за својот живот“, кажа извор за „Пипл“.

Пред една година, Лопез поднесе барање за развод од Бен Афлек, нејзиниот четврти сопруг, од кој се разведе на 21 февруари по само две години брак. Лопез и Афлек го наведоа 26 април 2024 како датум на разделбата.