Атиџе Муратова, Тамара Котевска, Љубо Стефанов, Атанас Георгиев, Самир Љума и Фејми Даут вечерва ќе се појават на гламурозниот црвен килим пред холивудскиот театар „Долби“ и ќе бидат дел од 92. свеченост на доделување Оскари.

Атиџе потпишува постер од „Медена земја“ во Холивуд (Фото: Принтскрин од видео на Самир Љума)

Презентерите двапати ќе го прочитаат насловот на документарецот „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов, откако беше номиниран во две категории: најдобар документарен и најдобар странски филм, што досега не се случило во историјата на Академијата.

Тамара Котевска и Љубо Стефанов со режисерите на филмовите номинирани за најдобар странски филм (Фото: Ф. Мекартен)

Церемонијата на доделувањето на Оскарите ќе почне во два часот по полноќ. Втора година по ред, нема да има водител, а телевизиски ќе се пренесува во 225 држави и територии.

Котевска и Стефанов во разговор со Педро Алмодовар и Бонг Јун-Хо (Фото: Ф. Мекартен)

Младински културен центар (МКЦ) организира следење на Оскарите во живо. Во 22 часот ќе почне преносот од црвениот килим, од 22:30 во киното Фросина ќе се прикаже филмот, во 00:15 часот е најавено вклучување на дел од авторската екипа и потоа ќе се гледаат Оскарите. Од МКЦ велат дека за присуство е потребен бесплатен билет, кој може да се подигне од билетарницата.

Б. НЕСТОРОСКА