ХОРОРОТ „ВИНИ ПУ“ Е НАЈЛОШИОТ ФИЛМ ЗА 2023, ДОБИ ПЕТ ЗЛАТНИ МАЛИНИ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Во исчекување на утрешната церемонија на доделување Оскари, објавени се добитниците на Златна малина за најлошото во Холивуд за изминатата година.

Хоророт „Вини Пу: Крв и мед“ победи во пет од десетте категории, додека четвртиот дел на акциониот серијал на Силвестер Сталоне „Платеници“ (The Expendables) славеше во две, откако имаше најмногу номинации, седум.

Кога излезе минатата година, „Вини Пу“ доби серија ужасни критики, што сега беше заокружено со Златна малина за најлош филм, најлошо сценарио и за најлош режисер. И покрај сето ова, режисерот Рајс Фрејк-Вотерфилд најави дека ќе снима продолжение, како и хорор филмови со Бамби и Петар Пан.

Меган Фокс освои две награди, за најлоша актерка („Џони и Клајд“) и за најлоша споредна женска улога („Платеници 4“), додека најлош актер е Џон Војт за акциониот филм „Милост“.