НИК ГАСТЕР, МОНТАЖЕРОТ НА „ПРЕД ДОЖДОТ“, ЈА ДОБИ НАГРАДАТА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО НА ФЕСТИВАЛОТ „СИНЕМАТИК“ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Британскиот монтажер Ник Гастер, кој соработуваше со Милчо Манчевски на филмовите „Пред дождот“ и „Прашина“, е добитник на наградата за животно дело на Фестивалот за филмска монтажа „Синематик“, чие трето издание се одржува во Скопје денеска и утре.

Гастер (72), кој беше монтажер на уште три современи македонски филма, поради обврски нема да може да дојде во Скопје за да ја прими наградата.

„Многу ми значи времето што го поминав во Македонија, работејќи и создавајќи пријателства со талентирани техничари и уметници од македонската филмска индустрија. Ми причинувате огромна чест што ме наградувате со награда за животно остварување. Ви благодарам многу и жал ми е што не можам да бидам со вас лично, затоа што сѐ уште сум активен во процесот на монтажа на филм за Катерина Велика. Македонија е место многу блиску до моето срце“, кажа Гастер по повод наградата.

Проекциите од фестивалот, што го организира Асоцијацијата на филмските професионалци на Македонија, ќе се одржуваат во Кинотеката, а стартуваат денеска во 16 часот, со комедијата „Хотел Гагарин“. Вкупно ќе бидат прикажани шест филма.

Наградата „Златен рез“ за најдобар монтажер ќе ја додели жирито во состав: Гоце Кралевски, Мартин Иванов и Сандра Ѓоргиева.