Николас Кејџ, конечно, ќе си го оствари детскиот сон да го игра Супермен, макар што тоа ќе биде во анимиран филм.
Педесет и четиригодишниот оскаровец ќе го позајми гласот на омилениот суперхерој во „Титани тинејџери“, што ќе излезе на 27 јули годинава, две децении откако пропадна филмскиот проект за Супермен на Тим Бартон.
„Стрипот за Супермен ми е еден од најомилените. Благодарение на него, научив да читам“, вели Кејџ.
„Титани тинејџери“ е филмска адаптација на анимираната серија на „Картун нетворк“, во којашто се појавуваат и други популарни суперхерои, како Чудесна Жена и Грин Лантерн.
„Секој суперхерој има влијание врз фановите, па затоа имаме голема одговорност да пронајдеме соодветен глас за секого од нив. Возбудени сме што ќе го имаме и Николас Кејџ во екипата“, изјави извршниот продуцент на филмот, Сем Реџистер.
Кејџ требаше да го игра Супермен во „Супермен живее“, што беше во подготовка кон крајот на 90-ите години, пред да биде откажан. Режисер требаше да биде Тим Бартон, а сценарист – Кевин Смит.