Студиото „Јуниверзал“ ќе плати 400 милиони долари за правата за нова трилогија со која ќе се продолжи приказната на култниот хорор „Егзорцист“. Осумдесет и осумгодишната оскаровка Елен Берстин ќе ја репризира улогата на Крис Мекнил во новите филмови, додека Лесли Одом Џуниор ќе игра татко чија ќерка е опседната.
Првиот филм ќе излезе во кината во октомври 2023, а останатите два директно ќе одат на стриминг платформата „Пикок“.
Место римејк или нова верзија, новите филмови се опишани како „привлечно продолжение“ на оригиналот од 1973 година, кој ја шокираше публиката, но заработи 440 милиони долари и освои два оскара од десетте номинации. „Егзорцист“ е првиот хорор кој бил номиниран за оскар за најдобар филм. Претходните продолженија и приквели потфрлија кај публиката и критиката и сега ќе бидат игнорирани.
Во меѓувреме, Берстин ќе се појави како Сара Делано Рузвелт во новата серија „Првите дами“.