Рик Моранис, канадскиот актер кој имаше низа хит-комедии во 1980-ите, ќе се врати на филмското платно по повеќе од 20 години откако се согласил да се појави во новата верзија на „Душо, ги смалив децата“.

Моранис речиси се повлече од Холивуд откако неговата сопруга почина од рак на дојка во 1991 и последната филмска улога ја оствари во 1997 година.

„Не сум се пензионирал. Зедов пауза бидејќи бев единствен родител на моите деца и со тек на време, таа пауза стануваше сѐ подолга, а тоа што го работев не ми недостигаше“, кажа Моранис во интервјуто за „Гардијан“ од 2013.

Во новиот филм, насловен „Shrunk“, во главната улога ќе биде Џош Гед, кој го позајми гласот на Олаф во „Снежното кралство“. „Дизни“ не соопшти други детали за филмот.

„Душо, ги смалив децата“ излезе во 1989 и потоа беа снимени две продолженија.