ОДЛОЖЕН СЛЕДНИОТ ФИЛМ „ВОЈНА НА ЅВЕЗДИТЕ“, НЕМА ДА СЕ СНИМА ВО 2022

Лос Анџелес, (Ројтерс)

„Дизни“ го одложи снимањето на следниот филм од серијалот „Војна на ѕвездите“ бидејќи режисерката Пети Џенкинс е зафатена со други проекти. „Star Wars: Rogue Squadron“ требаше да излезе во кината во декември 2023, но постои можност за промена на датумот.

Џенкинс моментално работи на третиот дел на „Вондер Вуман“ и на нов филм за Клеопатра, двата со Гал Гадот во главната улога.

„Авторите на ‘Star Wars: Rogue Squadron‘ се надеваа дека продукцијата ќе биде завршена во 2022, но сфатија дека тоа нема да биде можно поради распоредот на Џенкинс. Филмот е исфрлен од календарот за следната година“, изјави извор од „Дизни“.

Во меѓувреме, компанијата работи на неколку нови серии од франшизата, при што „Книгата на Боба Фет“ ќе има премиера во декември, а „Оби-Ван Кеноби“ е најавена за следната година.