„ОПАКУ НАОПАКУ 2“ СТАНА АНИМИРАН ФИЛМ СО НАЈГОЛЕМА ЗАРАБОТКА ВО ИСТОРИЈАТА

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

„Опаку наопаку 2“ (Inside Out 2) стана анимиран филм со најголема заработувачка на сите времиња, само шест недели откако излезе во кината. Продолжението на големиот хит од 2015 досега заработи 1,46 милијарди долари на светско ниво и со тоа го надмина досегашниот рекордер „Ледено кралство 2“, кој стигна до 1,45 милијарди во 2019.

„Опаку наопаку 2“ ќе ги зголемува своите бројки во следните недели, бидејќи само што почна да игра во кината во Јапонија. Тој го надмина и ланскиот најуспешен филм „Барби“, кој заработи 1,45 милијарди долари.

Првиот дел заработи 858 милиони долари и доби Оскар за најдобар долгометражен анимиран филм. Во вториот дел, главниот лик Рајли е тинејџерка и се соочува со нови емоции, како вознемиреност и завист. Меѓу познатите актери кои позајмуваат глас се Ејми Полер, Маја Хок, Кајл Меклахлан и Дајен Лејн.