ОСКАРИТЕ ЌЕ СЕ ОДРЖАТ БЕЗ ЗУМ, СО ПРИСУСТВО НА СИТЕ НОМИНИРАНИ

Лос Анџелес, (АП)

Годинашната церемонија на доделување Оскари ќе биде интимна, без користење на Зум, а лично ќе присуствуваат само номинираните, презентерите и нивните гости, објавија продуцентите.

Поради пандемијата, настанот на кој се доделуваат најголемите почести во филмската индустрија ќе се одржи на две локации во Лос Анџелес: главната железничка станица (Јунион стејшн) и театарот „Долби“. Сите присутни ќе бидат тестирани за коронавирус во пресрет на доделувањето на 25 април. Оние што нема да можат да присуствуваат нема да имаат опција да се обратат преку Зум.

„Ова шоу ќе помине без Зум. Преземаме сѐ што треба за да имаме безбедна и пријатна вечер“, кажаа продуцентите Стивен Содерберг, Џеси Колинс и Стејси Шер.

Тие велат дека номинираните и нивните гости ќе се соберат во дворот на железничката станица, додека останатите елементи од шоуто ќе одат во живо во 13 километри оддалечениот „Долби“, кој вообичаено прима 3.400 луѓе.