ОСТАНАВМЕ БЛИСКИ СО ЏЕЈМИ ЛИ КЕРТИС, РЕЧЕ ЛИНДЗИ ЛОХАН КАКО НАЈАВА ЗА ВТОРИОТ ДЕЛ НА „ОТКАЧЕНИОТ ПЕТОК“ ПО 22 ГОДИНИ

САД, (Би-Би-Си)

Детали за новите филмови, вклучувајќи го и третиот дел од „Аватар“, додаток на франшизата „Војна на ѕвездите“ и продолжение на „Откачениот петок“ беа објавени на настан за фановите на Дизни во Калифорнија.
Режисерот Џејмс Камерон ѝ кажа на публиката од 12.000 луѓе дека „Аватар: Оган и пепел“ „нема да биде она што го очекувате“, додека американскиот актер Џон Фавро даваше шеговити коментари на новиот филм од „Војна на ѕвездите“ насловен „Мандалориан и Грогу“, со Педро Паскал во главната улога.
На сцената се појавија и актерите Линдзи Лохан и Џејми Ли Кертис, ѕвезди на комедијата „Откачениот петок“ (Freaky Friday) од 2003, за да го промовираат продолжението на филмот кое ќе се појави во 2025. Џејми Ли Кертис и Линдзи Лохан се обединија на сцената на настанот што се одржа во близина на Дизниленд.
Најавите беа објавени на Д23, двегодишната конвенција за членовите на официјалниот фан клуб на Дизни, на 9 август во Калифорнија.

Кертис го опиша новото продолжение на филмот како „позабавно и поемотивно“ од филмот во 2003.
„Останавме во контакт со Џејми низ годините и сме многу блиски, така што се чувствуваме како да продолжуваме од каде што застанавме, што е навистина убаво“, рече Лохан.