Дваесет и седумгодишниот Остин Батлер ја победи острата конкуренција за улогата на Елвис Присли во сѐ уште неименуваниот нов биографски филм, што ќе го режира Баз Лурман, објави претседателот на студиото „Ворнер брос“, Тоби Емерик.
Филмот ќе ги прикаже животот и кариерата на „кралот на рокенролот“ низ неговиот комплициран однос со менаџерот Том Паркер, што ќе го игра Том Хенкс.
Покрај Батлер, Лурман за оваа улога ги имаше предвид и Ансел Елгорт, Хари Стајлс, Арон Тејлор-Џонсон и Мајлс Телер.
Батлер до оваа година немаше големи улоги во Холивуд, а потоа се појави во новите филмови на Џармуш и Тарантино, „Мртвиот не умира“, односно „Беше еднаш во Холивуд“. Тој оваа година дебитираше и на Бродвеј.
„Знаев дека можам да го направам овој филм само доколку го направам вистинскиот кастинг и притоа баравме актер кој може да долови секои природно движење и вокален квалитет на Присли, но и неговата внатрешна ранливост. Сето ова го пронајдов во Остин Батлер“, изјави Лурман, чиј последен филм беше „Големиот Гетсби“ од 2013.
Планирано е снимањето на филмот да почне следната година.