ОВАЦИИ ЗА „ЕФТЕРКЛАНГ: МАКЕДОНИУМ БЕНД“ ПО СВЕТСКАТА ПРЕМИЕРА ВО КОПЕНХАГЕН, ДОМАШНАТА ПРЕМИЕРА ЌЕ БИДЕ НА СИНЕДЕЈС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Документарниот филм „Eфтеркланг: Македониум бенд”, во режија на Андреас Јонсен, имаше светска премиера на фестивалот CPH:DOX во Копенхаген, каде што беше прикажан во специјалната програма „Sound&Vision”. Повеќе од 1.000 гледачи ги проследија двете распродадени проекции, по кои настапи музичкиот состав по кој е именуван филмот

„Eфтеркланг: Македониум бенд” е првиот филм во продукција на Младински културен центар во Скопје и е македонско-данска копродукција. Овој музички документарец се снимаше во април 2023 и го следи патешествието на групата „Ефтеркланг“ во потрага по македонски музичари, со цел да се состави голем ансамбл кој би извел перформанс пред споменикот „Македониум” во Крушево. Така во ансамблот „Ефтеркланг: Македониум бенд” членуваат и 22 македонски музичари: 16 хористки од Женскиот младински хор при МКЦ и Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски.

„Оваа плејада на неверојатни уметници на двата концерта изнуди овации од присутната публика, која по вториот концерт и побараниот бис се крена на нозе и развиори македонско оро, кое продолжи и вон концертната просторија. Никогаш нема да го заборавиме она што ни се случи таа вечер во Копенхаген. Триумф на универзалната љубов. Особено ми е драго што овој филм е првиот вистински документарен филм во продукција на МКЦ Скопје“, кажа Владица Младеновски, музичкиот уредник во МКЦ и еден од главните ликови во филмот.

Засега филмот „Eфтеркланг: Македониум бенд” има закажани 18 проекции во Данска, а домашната премиера ќе ја има на отворањето на 23. издание на фестивалот на европски филм Синедејс во Скопје на 11 јули, кога ќе настапи и целокупниот ансамбл.

(Фото: Б. Гизенбауер)