ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ Е СВЕТСКИ УМЕТНИК, РЕЧЕ СЕВЕРИНА ПРЕД КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Хрватската поп-пејачка Северина ќе одржи концерт во Скопје в сабота (30 март), во салата „Борис Трајковски“ од 21 часот, објави продукцијата „Прагма“.

Во 2014, Северина доби три награди на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“: за најдобар регионален албум, најпопуларна регионална пејачка и за концерт на годината, а ѝ ги додели Игор Џамбазов. Таа тогаш испеа една од своите балади заедно со Влатко Стефановски. Пејачката го објави ова видео на социјалните мрежи и напиша:

„Секоја средба со Македонија остава длабока трага во моето срце. Првенствено од луѓето, храната, посебните концерти, големите светски уметници, како што е Влатко Стефановски. Ти благодарам Македонијо и се гледаме во Скопје на 30 март во арената ‘Борис Трајковски‘, ќе биде тоа концерт за душа“.

Концертот за кој Северина доби награда беше мултимедијално шоу на идеја на словенечкиот режисер Томаж Пандур, кој сценски ја осмисли целата нејзина турнеја во 2013 и 2014. Пандур почина на театарска проба во Македонскиот народен театар во Скопје во 2016.

Билетите за концертот на Северина се продаваат преку мрежата на „Купикарта“.