ПИТЕР ЏЕКСОН ОТКРИ КАКО ХАРВИ ВАЈНСТИН УНИШТУВАЛ КАРИЕРИ НА АКТЕРКИ

Лос Анџелес, (Холивуд рипортер)

Питер Џексон откри нов момент од скандалозното однесување на Харви Вајнстин, кој се потрудил да им ги уништи кариерите на Ешли Џад и на оскаровката Мајра Сорвино, советувајќи го „по никоја цена“ да не ги ангажира во неговата славна трилогија „Господар на прстените“.

„Се сеќавам како компанијата ‘Мирамакс‘ на браќата Вајнстин ни кажа дека е ноќна мора да се работи со Џад и Сорвино и да ги избегнуваме по секоја цена. Тоа се случи во 1998 година“, се присети Џексон.

Новозеландскиот режисер вели дека во тоа време немал зошто да се сомнева во зборовите на Вајнстин.

„Сега гледам дека тоа била смислена подла кампања на ‘Мирамакс‘. Верувам дека тоа биле лажни информации за овие две талентирани жени и како резултат на тоа, нивните имиња беа тргнати од кастинг листата за филмот“.

Според Џексон, вистинската ноќна мора биле браќата Вајнстин.

„Тие се однесуваа како второкласни мафијашки насилници. Тие не беа луѓе со кои сакаш да работиш и ние затоа се повлековме“, кажа Џексон, кој потоа го сними филмот со компанијата „Њу лајн“.

Сорвино, која доби Оскар за најдобра споредна улога во филмот на Вуди Ален, „Моќна Афродита“, во 1995 година, се огласи на Твитер по повод изјавите на Џексон.

„Само што го видов ова и се расплакав. Ова е доказ дека Вајнстин свесно ја упропастуваше мојата кариера, нешто во што одамна се сомневав“.