ПО ВТОРПАТ ОДЛОЖЕНА ПРЕМИЕРАТА НА ФИЛМОТ ЗА СОПРАНОВИ

Лос Анџелес, (Индипендент)

Повторно е одложена премиерата на филмот „The Many Saints of Newark“, приквелот на една од најнаградуваните серии, „Сопранови“.

Филмот за мафијашкото семејство Сопранови требаше да излезе во септември 2020, па беше поместен за 12 март 2021. Сега, според „Вараети“, премиерата ќе биде на 24 септември 2021.

Филмот на „Ејч-Би-О“ доаѓа 14 години по завршувањето на серијата „Сопранови“. Дејството се случува во 1960-ите и 1970-ите, а младата верзија на Тони Сопрано го игра синот на покојниот Џејмс Гандолфини, Мајкл.