ПОЧНА СНИМАЊЕТО НА ВТОРИОТ ДЕЛ НА „ТОА“, НАЈУСПЕШНИОТ ХОРОР НА СИТЕ ВРЕМИЊА

Лос Анџелес, (Вараети)

„Ворнер брос“ ја објави првата заедничка фотографија од актерската постава на „Тоа 2“, означувајќи го стартот на продукцијата на продолжението на најуспешниот хорор филм на сите времиња.

Бидејќи дејството се случува 27 години подоцна, членовите на Клубот на губитници мораа да добијат свои возрасни верзии, па Џесика Честејн е новата Беверли Марш (Софи Лилис во првиот дел), а Џејмс Мекавој е Бил Денбро (Џејден Либерхер). Останатите членови на клубот, кои повторно мора да се соочат со злото од своето детство, ќе бидат Бил Хејдер, Џеј Рајан, Џејмс Ренсон, Ајзаја Мустафа и Енди Бин.

Клубот на губитници 2017 и 2019

Единствениот кој ќе ја повтори улогата од првиот дел е Бил Скарсгард, кој го игра убиствениот кловн Пенивајз.

Долгоочекуваното продолжение на „Тоа“ ќе излезе на 6 септември 2019 година. Тој беше неочекувано голем хит на кино-благајните лани, заработувајќи 327 милиони долари во Северна Америка, односно 700 милиони глобално, што е рекорд за хорор филм.