АСТРОНОМИТЕ ЗА ПРВПАТ СНИМИЛЕ ФОРМИРАЊЕ НА МЛАДА ПЛАНЕТА

Минхен, (Мешабл)

За првпат досега, астрономите успеаја да направат чиста снимка од формирањето на млада планета околу ѕвезда.

Таа била снимена од Големиот телескоп (ВЛТ) на Европската јужна опсерваторија во пустината Атакама во северно Чиле.

Планетата наречена ПДС 70б може да се види како светла топка десно од центарот на фотографијата. Таа го пробива својот пат низ она што се нарекува протопланетарен диск, односно огромно количество гас и прашина што опкружува млади ѕвезди.

„Тие дискови околу млади ѕвезди се родното место на планети, но досега се детектирани само мали навестувања на бебе планети во нив“, вели Миријам Кеплер од Институтот по астрономија „Макс Планк“.

Таа појасни дека астрономите долго време се сомневале дека млада планета ја окружува оваа џуџеста ѕвезда и тоа беше потврдено со користење на ВЛТ. Телескопот им дал и податоци за атмосферата на новата планета.

ПДС 70б е гасен гигант, кој тежи неколку пати повеќе од Јупитер и му требаат 120 години за орбита околу неговата ѕвезда. Температурата на површината изнесува околу 1.100 Целзиусови степени.