Гитаристот Џими Пејџ вели дека во минатото одбил многу навистина мизерни понуди за снимање документарец за „Лед Цепелин“, но конечно се согласил откако добил предлог за филм кој со многу истражување се фокусира исклучиво на музиката и на раѓањето на легендарната хард рок група во 1968 година. Резултатот на тоа е „Becoming Led Zeppelin“, кој викендов имаше премиера во Венеција, а Пејџ се појави на црвениот килим.

Филмот вклучува досега невидени снимки од раните настапи на групата во САД и Британија, како и радиоинтервју што тапанарот Џон Бонам го дал непосредно пред да почине во 1980. Заедно со интервјуата со останатите тројца членови Роберт Плант, Пејџ и Џон Пол Џонс, филмот дава приказ за првите две години од постоењето на групата, кога прави метеорски подем.

„Најмногу ценам тоа што филмот се фокусира на музиката, а песните се пуштаат во целост, не само исечоци. Филмот им овозможува на членовите да ја кажат својата приказна, нема други интервјуа. Во филмот сè е за музиката“, вели Пејџ.