РАМИ МАЛЕК ЌЕ БИДЕ НЕГАТИВЕЦ ВО НОВИОТ ФИЛМ ЗА ЏЕЈМС БОНД

Кингстон, (Би-Би-Си)

Оскаровецот Рами Малек ќе го игра главниот негативец во новиот филм за Џејмс Бонд, беше потврдено на специјален настан во Јамајка. Сепак, „Бонд 25“, кој треба да излезе на 25 април наредната година, и натаму нема добиено официјално име.

„Моментално сум во Њујорк, но едвај чекам да ѝ се придружам на екипата. Ветувам дека ќе му зададам многу маки на Џејмс Бонд во овој 25. филм“, се обрати Малек преку видеопорака.

Даниел Крег, кој за последен пат ќе го игра тајниот агент 007, се пошегува дека после ова, е уплашен за она што го чека.

Реиф Фајнс и Бен Вишо се враќаат во улогите на Ем и Кју, Наоми Харис повторно е госпоѓица Манипени, а француската актерка Леа Сејду ќе го репризира ликот на Медлин Свон од „Спектра“ од 2015 година.

Откако Дени Бојл се повлече, Кери Фукунага беше избран за режисер, а ново име во екипата е сценаристката Фиби Волер-Бриџ, позната по сериите „Убивањето на Ева“ и „Торба со муви“.