РИЈАНА СЕ ВРАЌА НА ГЛУМАТА ВО НОВИОТ ФИЛМ НА ДОНАЛД ГЛОВЕР

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Поп ѕвездата Ријана и Доналд Гловер се главните ѕвезди во филмот „Островот Гуава“, чиј прв трејлер изненадувачки беше пуштен за време на фестивалот „Фараос“ во Нов Зеланд.

За нивната соработка првпат почна да се зборува во август, кога тие биле забележани заедно во Хавана. Кубанските медиуми тогаш објавија дека доаѓањето на Ријана се совпаѓа со термините на снимањето на проектот на Гловер. Филмот сега и официјално беше потврден на фестивалот што го организира Гловер.

Други потврдени актери во филмот се Летиша Рајт и Нонсо Анози. Режисер е Хиро Мураи, редовен соработник на Гловер, како во серијата „Атланта“, така и на спотот за големиот хит „Ова е Америка“, што актерот го сними под името Чајлдиш Гамбино.

За Ријана ова е враќање на големото платно, откако оваа година беше дел од екипата на „Осумте на Оушн“.