Специјално од Солун за СМАРТ СДК.МК: Марина КОСТОВА
Филмови што раскажуваат длабоко лични и емотивни приказни кои се универзално релевантни се главното обележје на 28. Фестивал на документарци во Солун, еден од најголемите во регионот чии победници се квалификуваат за оскаровската трка.

Јапонскиот режисер Шинго Ота во „Јавен базен Нумакаге“ го истражува прашањето што е разликата меѓу човекот и јавниот простор? Општинските власти на Нумакаге во Токио ќе решат да го урнат јавниот базен стар 52 години за на негово место да изградат школо. Зошто? Затоа што така им било најлесно, не ни барале други локации. Жителите се ревoлтирани оти никој не ги прашал дали сакаат да останат без големиот базенски комплекс кој пола век е икона на јавниот простор и е општо добро што ја сплотува заедницата, каде генерации деца научиле да пливаат, а луѓе од сите возрасти доаѓаат за одмор и дружба. Ота го следи нивниот протест и развојот на настаните во последните 2 месеца пред уривањето, структурирајќи го филмот низ психолошките пет фази на тагување: негирање, лутина, пазарење, депресија и прифаќање. Иако има и хумор, филмот е сведоштво за политиката на бесмислена урбанизација која врши брутално насилство врз заедничкиот јавен простор.

Како контрапункт на оваа, една од најимпресивните оптимистички приказни во главната Меѓународна конкуренција за Златен и Сребрен Александар е „Дерек против Дерек“ од британскиот режисер Џејмс Досон. Раскажана со многу хумор, филмот е приказна за двајца земјоделци во Девон, Англија, кои се викаат Дерек и чии имоти се еден до друг, а имаат сосем спротивни пристапи кон земјоделството. Едниот Дерек верува дека земјата треба да се обработува најитензивно што може за да има поголем род, другиот Дерек ќе ги продаде овците за да ја исполни долгорочната визија – да го оживее речиси исчезнатиот див жив свет во овој крај и од својот имот ќе создаде природна оаза. Овие два непомирливи концепта опстојуваат еден покрај друг и иако Дерек и Дерек често се судираат, сепак, пораката на вториот дека земјата не може да издржи натамошно испоснување и оти таквото интензивно земјделство не само што е неодржливо туку веќе ја загрозува природата до степен на уништување, ќе допре до првиот.

Во главната Меѓународна конкуренција за награди е и „Птици на војната“ на Либанката Јанај Булос и Сириецот Абд Алкадер Хабак, двајца новинари чија соработка почнува онлајн со документирање на војната во Сирија, додека Хабак живее во Алеп и Идлиб, а Булос во Лондон. Низ потресните архивски снимки од ужасните страдања на цивилите во војната во Сирија во текот на 13 години, се открива и нивната љубовна приказна која се гради прво на далечина, а потоа заедно во Лондон кој станува нивна заедничка база, оти секој од нив е вовлечен во следење на новите војни во Либан и Сирија.

Во „Најстариот човек на светот“, реномираниот американски документарист Сем Грин во текот на 10 години, од 2015 до 2025, ги следи Гинисовите рекордери за најстар човек на светот, фасциниран од личната приказна за долговечноста на секој од нив. Во текот на 10-те години Грин минува низ турбулентни лични периоди, ќе му се роди дете, набргу потоа ќе се разболи од леукемија, а ќе се соочи и со траумата од самоубиството на брата си. Грин самиот е наратор во филмот кој речиси неосетно се претвора во есеј за минливоста, текот на времето и справувањето со загубата и болката.

Со загубата и болката се бави и „Златниот лебед“ на Анете Остро, во главната Меѓународна конкуренција за награди. Остро во вид на поетски есеј со лични архиви ги документира последните месеци од животот на брата си, младиот норвешки уметник Ханс Кристијан Остро кој во 1995 заминал во Индија да учи класичен индински танц и по неколку месеци е грабнат во Кашмир и држен како заложник на милитантната група Ал-Фаран. Во петте недели заробеништво, тој ѝ пишува песни и писма на сестра си, кои ќе бидат пронајдени откако ќе биде убиен и кои се главната наративна нишка на филмот.
Кинеската режисерка Чува Лианг во „Реплика“, филм во натпреварувачката селекција Новајлии, го истражува феноменот на вештачката интелигенција како алатка за креирање љубовни партнери. Ваквите виртуелни врски се избор на сè поголем број млади жени во Кина, зашто само така ја добиваат поддршката и потврдата што ја очекуваат од партнерот. Лианг ги следи протагонистките во различи фази во овие врски со вештачка интелигенција, но она што им е заедничко на сите е извонредната искреност со која ја објаснуваат својата потреба за стабилна интимност што во реалниот живот не можат да ја добијат. За многу од нив, всушност, љубовната врска со партнер креиран со вештачка интелигенција е само фаза за преиспитување, освестување на сопствените потреби и јакнење на самодовербата.

Во Новајлии е и норвешкиот „Веруваме во бакалар“ на Гуро Саниола Бјерк, топла, духовита приказна за животот во рибарското село Бетсфјорд на крајниот север на Норвешка каде зимата трае пола година и во тоа време има само поларна светлина, не и сонце.
„Треба со закон да се забрани да се живее овде, требало одамна да нè депортираат“, вели низ смеа една од жителките на Бетсфјорд, место каде ловот и преработката на бакаларот е религија и кое и покрај суровите услови никој не сака да го напушти. Со многу хумор, Бјерк открива како снежните бури и суровото море ги сплотуваат луѓето од разни нации кои минатиот век се населиле тука – Норвежани, Финци, Тамилци, Сиријци, Литванци и по некој Русин привремено заробен со залутаниот брод во пограничните води.
Насловна фотографија: Сцена од „Јавен базен Нумакаге“ на Шинго Ота. (Фото: ТИФФ)