СО МАКЕДОНСКАТА ПРЕМИЕРА НА „НЕКРСТЕНИ ДЕНОВИ“ ОД ИВО ТРАЈКОВ СЕ ОТВОРА 13. ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со македонската премиера на филмот „Некрстени денови“ (Piargy) на Иво Трајков, вечерва во 20 часот се отвора 13. издание на Филозофскиот филмски фестивал, што ќе се одржува во Кинотеката.

„‘Piargy‘ е прикажан на голем број фестивали и освои голем број награди и сакав премиерното прикажување во Македонија да биде нешто вонредно. Ми се чини дека и самата идеја за филозофски филмски фестивал е нешто уникатно и надвор од рамките на Македонија. Филозофијата е присутна во секој филм како составен дел на животот. Во овој филм се појавуваат и некои теозофски аспекти“, вели Трајков.

Во осумте фестивалски дена, до 9 јуни, публиката ќе може да проследи 40-ина филмови и 50-ина настани, а ќе има и 15-ина гости. Во конкуренција за наградата „Златен був“ за најдобар долгометражен филм ќе бидат шест филма.