Двократната добитничка на Оскар, Френсис Мекдорманд, во моментов котира на високото второ место во трката за најдобра актерка оваа година, зад Вајола Дејвис, предвидува сајтот „Голд дерби“.

Доколку триумфира на годинашните Оскари за нејзината изведба во „Nomadland“, Мекдорманд ќе стане само втора актерка која освоила три статуетки, покрај Кетрин Хепберн, која е рекордерка со четири.

„Освојувањето на трет оскар на некој начин ќе ја позиционира Мекдорманд и пред легендарната Хепберн, бидејќи ќе го постигне нејзиниот успех 11 години порано“, велат критичарите.

Мекдорманд е силен кандидат да го понесе Оскарот за најдобра актерка за улогата на Ферн, жена која патува низ земјата во потрага по работа. Филмот е во режија на Клое Џао и досега доби повеќе награди на познати филмски фестивали, како Златен лав во Венеција. Номинациите за 93. Оскари ќе бидат објавени на 15 март, а свеченоста е на 25 април.

Мекдорманд досега има освоено Оскар за „Фарго” (1997) и за „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури” (2018), а имаше уште три номинации.