СТАЛОНЕ ГО ПОДГОТВУВА „РАМБО 5“, ЌЕ ВОЈУВА СО НАРКОКАРТЕЛ ВО МЕКСИКО

Лос Анџелес, (Дедлајн)

Џон Рамбо војуваше во Виетнам, Афганистан и во Мјанмар, а сега се на ред мексикански картели.

Силвестер Сталоне работел на сценариото за петтиот дел на франшизата „Рамбо“, а снимањето би требало да почне во септември. Тој, веројатно, нема повторно да се најде во улога на режисер.

Во петтата епизода, Рамбо води мирен живот на ранч, кога дознава дека ќерката на еден негов пријател е киднапирана. Со цел да помогне, тој ја поминува американско-мексиканската граница, по што ќе се соочи со еден од тамошните најнасилни наркокартели.

Сега веќе 71-годишниот Сталоне имаше главна улога и го режираше последниот „Рамбо“ во 2008 година и потоа долго време беше резервиран околу можноста да прави нов филм за еден од најпопуларните акциони ликови.

Сталоне во моментов работи на продолжението на „Крид“, со кој не само што ѝ даде нов живот на франшизата Роки Балбоа, туку доби и номинација за Оскар за најдобра споредна улога во 2016 година.