ЏЕЈН ФОНДА Е КРАЛИЦА НА ЦРВЕНИОТ ТЕПИХ И НА 80 ГОДИНИ

Лос Анџелес, (Дејли мејл)

Осумдесетгодишната Џејн Фонда блесна на црвениот тепих, кога им се придружи на своите колешки Дајан Китон, Мери Стинбурген и Кендис Берген на светската премиера на нивниот најнов филм „Книжевен клуб“, што се одржа во Лос Анџелес.

Филмската и модна икона, која цел живот промовира јога и здрав начин на исхрана, изгледаше совршено во светлоцрвената комбинација на дизајнерот Брендон Максвел, која извонредно ја нагласи нејзината фигура.

Во оваа романтична комедија, двократната оскаровка ја игра Вивијан, која ги запознава своите три најдобри пријателки со книгата „Педесет нијанси сиво“, што целосно ќе им ги измени животите.

Режисерот Бил Холдерман му ја додели главната машка улога на Дон Џонсон, чија ќерка Дакота е ѕвезда на филмскиот серијал „Педесет нијанси“. Сепак, тој се појави на премиерата со својата трета сопруга Кели и нивната 18-годишна ќерка Грејс.